Нова хит песна: Уставот, Уставот да се смении…, а нема рефрени за инфлацијата, за цените…

Само што заврши празнувањето околу Нова Година и Божиќ и се намалија празничните мелодии, веднаш почнаа нови ноти секојдневно да се слушаат во Македонија. Главни изведувачи, овој пат, се функционерите од власта и некои дипломати. Новиот хит е песната: Да се смени Уставот.

Вчера и вицепремиерот Бојан Маричиќ, во стилот на Павароти, го отпеа гласно рефренот:

– Следните месеци сите да се фокусираме на уставните измени…

Мелодичен е и Бујар Османи. Патем, пратечки вокали, па и цел хор, има во владеачката коалиција.

Ама, зошто нема во Власта вакви упорни пеења и за борбата со високите цени кои го истоштија населението? Таква континуирана песна ќе разиграше некои институции кои треба да реагираат на оние кои ја злоупотребуваат кризата.

Зарем не мислат дека голем хит би била и мелодија со ваков рефрен:

– Следните месеци сите да се фокусираме на борбата со инфлацијата…

Дали текстописците во Владата ќе состават вакви песни, ќе се види наскоро. Се зависи од тоа дали власта сака да направи хит кој ќе биде на странски топ листи или пак на топ листата во државата која ја раководат.

Претходна вест53-годишен жител од тетовско во спалната чувал бомба
Следна вестМарочко: Околу 100 украински војници хоспитализирани поради смрзнатини