Темен режим Режим на светлина

Нови тензии меѓу Скопје и Софија по изјавите за средба во ЕУ

Министерството за надворешни работи вечерва реагираше на соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, изразувајќи жалење што, како што наведуваат, официјална Софија сè почесто се поставува во улога на оценувач на изјавите на македонските политички претставници, наместо да дејствува како партнер во искрен и европски ориентиран дијалог.

Од МНР потенцираат дека Македонија нема ниту намера, ниту потреба да се меша во внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија, ниту преку јавни коментари, интерпретации или учество во дневнополитички наративи.

„Ги повикуваме бугарските институции да се придржуваат до принципите на добрососедство, заемна почит, предвидливост и институционална комуникација – вредности кои се темел на европската идеја. Европа се гради врз доверба и конкретни резултати, а не преку етикетирање и политички квалификации“, се наведува во реакцијата на македонското МНР.

Претходно во текот на денот, бугарското Министерство за надворешни работи изрази, како што наведоа, „длабоко разочарување“ од, според нив, континуираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје, оценувајќи дека во јавноста се пласираат повторливи, нејасни и манипулативни изјави.

Во соопштението, бугарското МНР конкретно реагира на изјавите на македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, во кои тој говори за наводна иницијатива на „поголеми и повлијателни“ земји членки на Европската Унија за организирање средба меѓу него и неговиот бугарски колега Георг Георгиев. Од Софија ваквите тврдења ги оценија како манипулативни.

„Европскиот консензус од 2022 година беше едногласно усвоен од сите земји членки на Европската Унија, како и од самата Република Северна Македонија. Дијалогот е институционален и се води меѓу земјата кандидат и Европската Унија, а имплементацијата зависи исклучиво од Скопје“, наведуваат од бугарското МНР.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Тренто сигурен дома, Јакимовски меѓу најдобрите на паркетот

Следна објава
Времето денес: Облачно со дожд и снег на повисоките места

Претплатне облачно, попладне дожд