Унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно предизвика реакции во Европа со својата визија за идниот статус на Украина. Во интервју за германскиот „Ди Велт“, тој оцени дека по завршувањето на војната земјата најверојатно ќе функционира како тампон-зона меѓу Русија и НАТО.
Орбан смета дека Киев ќе мора да прифати територијални отстапки, а неговите вооружени сили да бидат значително ограничени. Изјавите доаѓаат по неговата спорна посета на Москва и средбата со Владимир Путин, каде што, како што нагласува, разговарал за стабилни и профитабилни енергетски аранжмани со Русија.
Според него, европските лидери треба да се соочат со реалноста и да го прифатат американскиот план од 28 точки за ставање крај на конфликтот. Одложувањето на договорот, предупредува тој, само ѝ оди во прилог на Москва и може да резултира со уште поголеми загуби за Украина.
Орбан тврди дека Русија постепено ќе се врати во светската економија со укинување на санкциите, и оценува дека сегашната европска поддршка за Киев е финансиски товар за граѓаните на континентот. Тој ја отфрли и идејата за користење на замрзнатите руски средства, коментирајќи: „Престанете со приказните дека Европејците ја финансираат војната со руски пари“.


