Организацијата на потрошувачи повика сите оштетени од поскапите авто-полиси да го пријават проблемот кај нив

ОПМ ги повика граѓаните што платија повисоки суми за полисите за автоодговорност да поднесат приговор на нивната платформа – Пријави проблем за финансиски услуги. Станува збор за суми од 840 до 1.600 денари, кои дополнително ги издвоија околу 10.000 граѓани, до кога важеа за 15,4 отсто повисоките цени на осигурувањето на возилата

Во случај да се пријават повеќе оштетени потрошувачи од еден ист давател на финансиски услуги со ист или сличен проблем, ќе биде потребно да се поведе судска постапка со согласност за обесштетување, а ОПМ е спремна да помогне при поведувањето на постапката. Се работи за граѓани оштетени од осигурителните компании при плаќање на авто-полисите во периодот од 25.април до 5.мај.

– Доколку сте биле оштетени од некој од наведените даватели на финансиски услуги, преку оваа онлајн алатка можете својот проблем да го пријавите до Организација на потрошувачите на Македонија (ОПМ), а ние ќе се обидеме да го решиме по институционален пат. Надлежните институции кои ќе ги контактираме за одделните даватели на финансиски услуги, а кои имаат овластувања  да вршат надзор над нивната работа се: Народна банка на Република Северна Македонија-НБРСМ (банките и штедилниците), Министерство за финансии (финансиски друштва – брзи кредити и финансиски лизинг), Агенција за супервизија за осигурување-АСО (друштва за осигурување, осигурително брокерски друштва, друштва за застапување во осигурување) и Државен пазарен инспекторат-ДПИ (измамни реклами на финансиски производи и услуги за сите финансиски институции), велат од Организацијата на потрошувачи.

Претходна вестКазни за 120 возачи во Скопје
Следна вестОсум пожари на отворено во изминатите 24 часа