Во врска со избеганите затвореници од затворите низ државава не станува збор за класично бегство од затвор преку префрлување на ѕид, жица или копање тунел, туку, станува збор за 111 затвореници на кои што им биле дадени погодности, биле пуштени на викенд но не се вратиле, изјави денеска директорот на управата за извршување на санкции, Александар Пандов.
-Бегство, јас барем претходно што сум подразбирал, е префрлување преку ѕидини, жица, копање на тунел, овие 111 се луѓе на кои што им биле дадени погодности, биле на викенд, требале да се вратат до 19 часот вечерта во недела, не се вратени и тоа е веќе бегство, но не е класично бегство, рече тој одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по отворањето на реновираното „петто“ крило во Затворот „Идризово“.
Во врска со неговата вчерашна посета на затворот „Скопје“, директорот на Управата рече дека затворот во Шутка мора итно да се огради.
– Во затворот „Скопје“ или „Шутка“ како што го препознаваат, има делови каде што нема ограда, или е ниска оградата на метар – метар и половина. Едноставно, во тој затвор само човек кој што не сака да излезе нема да излезе од него. Ако некој има намера да избега од таму може да избега, рече тој.
За притворското одделение од затворот „Шутка“, пак, како што рече „таму куче да врзеш за краток период ќе попушти и со здравје и со мозок и со сè“.
– Има таму ќелии што се потчовечки, не достоинство, па тоа јас на филм го немам видено. Во одредени ќелии кај што влегов, сега се наежив, тоа е под секакво човечко достоинство и срамота е за нас како држава што сме го дозволиле особено ова. Седум години имаа тоа да го поправат, тоа е страшно, језиво, да ве внесат таму нормален здрав човек со три чисти во глава за краток период ќе попушти, посочи Пандов.
Во Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска беше пуштено во употреба реновираното „петто“ крило.
Крилото ќе обезбеди дополнителен капацитет за 100 затвореници, кој ќе ги растерети останатите одделенија. Реновирањето е финансирано од донации, а се очекува и изградба на целосно ново затвор.