Освен општина Арачиново и други општини во скопското подрачје добиле неповратна финансиска помош од Владата за различни проекти. Ова денеска го потврдија градоначалниците на скопските општини Центар, Карпош, Чаир кои изјавија дека парите се добиени за различни проекти. Градоначалниците Саша Богдановиќ, Стефан Богоев и Висар Ганиу, заедно со скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска присуствуваа на почетокот на проширување на булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска), од касарната Илинден до Момин Поток при што одоговорија на новинарски прашања околу доделувањето на средствата.
– Ние добивме проекти во вредност од 800.000 евра, за обнова на училишта, за инфраструктура. Не се чувствуваме обесправени што Општина Арачиново добила половина милион евра за справивање со проблемите предизвикани од Ковид-19. Ние, поурбаните општини имаме и поголеми приходи, така што не се чувствуваме обесправени – рече Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.
Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев рече дека тие аплицирале со два проекта.
– Ние аплициравме со два проекти, за што добивме горе-долу иста сума пари за спроведување, но од парите наменети за карго-аеродромот на ТАВ што требаше да се изгради во Штип – вели Богоев.
Висар Ганиу од Чаир одговори дека такви пари се добредојдени за општините, затоа што ќе можат да направат некои поголеми проекти.
-Општина Чаир добила помош за реализација на инфрастуктурни проекти во населбата Серава, во приближна вредност како помошта на Општина Арачиново, рече тој.
За градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во услови на ковид-криза секоја помош од владата кон општините е добредојдена, а вели дека корист од тоа ќе имаат граѓаните.
-Во тек е целосна разработка на проектите коишто градот и општините од градот ги имаат доставено до Владата со цел централната власт да ја помогне локалната власт и да изврши финансирање на определени проекти. Завршени се во вкупен износ од 35 милиони евра за сите општини во нашата држава така што нема обесправени општини во смисла на тоа што добиваат фискална или материјална помош од централната власт, а предизвикана пред се заради скратените буџетски приливи во нашите буџети од ковид кризата. Јас очекувам дека владата многу брзо ќе излезе со целиот тој концепт, рече Шилегов.
Но, се поставува прашањето зошто јавноста за овие доделувања на паричните средства не била информирана во владините соопштенија како што е тоа случај со Арачиново?