Темен режим Режим на светлина

Пендаровски со критики за судството: Нашите граѓани си заминуваат поради селективната правда

Со едноминутен молк за оддавање почит на жртвите од автобуската несреќа во Бугарија, пожарот во модуларната болница во Тетово и сите сограѓани кои ја загубија битката со ковид-19 оваа година, претседателот Стево Пендаровски го почна годишното обраќање во Собранието.

-Исклучително ми е тешко, втора година по ред, да го започнувам моето годишно обраќање во Собранието со оддавање почит на нашите граѓани кои повеќе не се меѓу нас. Серијата ужасни лични трагедии и колективни трауми на нацијата треба конечно да ја разбудат совеста во македонското општество и одговорноста на надлежните институции, затоа што нема ништо повредно од човечкиот живот и ништо понеправедно ако губењето на тој живот е поради човечки фактор, системски пропусти или прекршени правила, рече Пендаровски.

Во обраќањето, Пендаровски ги анализира сите аспекти од живеењето, а првиот беше владеењето на правото. И покрај одредениот напредок, констатиран во последниот Извештај на Европската комисија, останува нашата стара обврска која неретко не ја почитуваме, реформите да ги имплементираме во пракса до крај, рече тој.

-Големата автобуска несреќа во која загинаа 45 наши граѓани е само последниот во низата вакви случаи. Доколку овој, како и некои претходни случаи не добијат судска завршница во разумен рок, недовербата на граѓаните само ќе расте. Општество со такви тенденции е плодна почва за појавата на авторитарни и популистички лидери кои наместо квалитетен процес ветуваат брза и ефикасна правда, порача Пендаровски.

Токму ваквата состојба според него е и една од причините за заминување на нашите граѓани во странство, во дражави каде има правда, каде што и најбогатите и најмоќните одговараат за кршењето на законите, исто како и луѓето што се истуркани на периферијата на животот, рече Пендаровски.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Заев попладнево ќе ја депонира оставката од премиер, Собранието ќе ја констатира утре

Следна објава

Нови 320 заразени за 24 часа, на црната листа се запишани 15 починати