Планинари кои одат кон врвот Солунска глава, но и жителите од двете планински села Папрадиште и Ореше веќе не можат да ја користат постојката Ореше, во близина на Богомила, на железничката линија Скопје – Битола – Скопје. До ова доаѓа откако „Македонски Железници“ ја укина постојка којашто е многу користена од љубителите на планините и граѓаните од околните села.
Потврда за информацијата пристигна и од планинарскиот дом „Папрадиште“:
-Ги информираме сите патници, планинари и жители на околните села Ореше и Папрадиште кои го користат возот Скопје- Битола- Скопје дека од 1- ви јули 2023 год. ЈП „Македонски железници“ трајно ја укинаа Орешка станица, и возовите веќе не сопираат на оваа железничка постојка“.
Планинар Игор Смилев во објавата на својот профил на Фејсбук наведува дека на ова му претходела само една анализа.
-Од 33 години постоење на #македонскижелезници менаџментот направил само една единствена анализа и тоа пред една недела во ерата на ДУИ. Тоа е дека од 1- ви јули 2023, железничката постојка на Орешка Станица (после Богомила) на пругата Скопје-Битола- Скопје се укинува, оти многу ” малку” планинари и луѓе се симнувале и возот непотребно губел од 30 до 65 секунди залет и време. Со одлуката на МЖ базирана на сериозна и сеопфатна анализа, укинати се и други стојалишта од и онака ужасно малиот број линии, наведе Смилев.




