Бран на револт и незадоволството кај граѓаните во струмичко предизвика најавата дека во скоро време би можела да започне изградба на, како што го нарекуваат, „рудникот на смртта“ – Иловица – Штука. Вратите за тоа се отворија откако прво Управниот суд ја уважи жалбата на канадската компанија „Еуромакс“ на владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за експлоатација на руда. По ова, Владата донесе одлука за спојување на двете концесии за рудник за бакар и злато на планината Огражден, кои се наоѓаат на териториите на Општините Босилово и Ново Село. Стравувањата кај граѓаните пораснаа откако основачот на компанијата „Еколог“ од Тетово, Назиф Дестани, преку неговата холандска компанија „НД Груп“ инвеситаше три милиони евра во „Еуромакс“.
-„Еколог“ е помоќен од нашето државно судство, а ова спојување го докажа тоа. Тоа што го бараше „Еуромакс ресурси“ со години наназад, исто како и што 12-те пресуди на Управен суд и Виш управен суд го бараа, што досега никој не се дрзна да им даде, сега премиерот им дозволи да ги спојат концесиите, но секако со посредство на ДУИ, откако Назиф Дестани вложи милиони евра за 25 отсо од акциите во „Еуромакс ресурси“. Најавуваме дека народот активно ќе се мобилизира и ќе се самоорганизираме да делуваме на секаков можен начин. И ние имаме „чизми“ кои многу време не се извадени. Време е за народна буна, соопштија денеска граѓаните организирани во групата „Здрава котлина“.
Министерството за економија, пак, денеска соопшти дека основ за спојување на двете концесии била пресудата на Управниот суд од 30.03.2023 година, со која се уважува тужбеното барање на Тужителот „Еуромакс“.
-Постапувајќи по насоките од предметната пресуда, Владата ја донесе Одлуката за спојување на двете концесии за експлоатација, доделени на „Еуромакс“.Согласно тоа, фактичката состојба не се менува. Потенцираме дека не се доделуваат нови права на Концесионерот и со ова не се дава право да врши експлоатација, односно за да може да врши експлоатација потребно е да добие дозвола за експлоатација согласно Законот за минерални суровини, наведуваат од Министерството за економија.
Оттаму додаваат дека во однос на постапката за добивање на дозвола за експлоатација, концесионерот „Еуромкас“ има доставено барање за дозвола за експлоатација за двете концесии (сега споени), но тие сеуште не се комплетни, односно се уште треба да достават техничка документација и одобренија издадени од други надлежни институции пред кои се веќе започнати постапки.
-Владата има слух и разбирање за загриженоста на жителите на предметната локација. Владата и Министерството за економија нема да издадат дозвола за експлоатација за отворање на рудник, без исполнување на највисоките светски стандарди и добри практики за заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Дозвола за експлоатација нема да биде издадена и без предходни консултации и сослушување на ставовите на локалното население, што е и законски редовна постапка при издавање на решение за одобрување на студија за заштита на животната средина, без која не може да се издаде дозволата. И ова се однесува не само на дозвола за експлоатација во Иловица, туку и за отворање на било кој друг рударски капацитет во Република Северна Македонија, се наведува во соопштението на Министерството.
Овој проблем започна пред десетина години претходно кога се донесе одлука за експлоатација на рудно богатство од овој регион. Но, тоа предизвика отпор кај граѓаните, а во 2018 година протестите се радикализираа. Тогаш под мотото „Струмица и струмичко против рудникот на смртта“ се одржуваа протестни маршови против отворањето на рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука“. Учесниците тврдеа дека нема да дозволат отворање на рудник бидејќи тоа ќе влијае на нарушување на целокупната еко-рамнотежа во струмичкиот регион.
Фото: Архива, протести




