Темно Режим Светло Режим

По 45 дена на власт британската премиерка Лиз Трас поднесе оставка

Британската премиерка Лиз Трас денеска поднесе оставка по само 45 дена на власт, откако се откажа од економската програма на нејзиниот кабинет што го потресе пазарот на обврзници и големите поделби во нејзината Конзервативна партија.

-Таа на тој начин стана британска премиерка со најкраткиот мандат во историјата, пишува Би-Би-Си.

Зборувајќи пред резиденцијата во Даунинг стрит, Трас прифати дека не може да ги исполни ветувањата што ги дала во нејзината кандидатура за раководство на ториевците, чија доверба ја изгубила.

-Прифаќам дека имајќи ја предвид ситуацијата, не можам да го исполнам мандатот врз основа на кој сум избрана во Конзервативната партија. Затоа разговарав со неговото височество за да го информирам дека се повлекувам од функцијата лидер на Конзервативната партија, рече Трас.

Таа додаде дека е договорено изборите за ново раководство да бидат завршени во текот на следната недела.

-Ова ќе обезбеди да останеме на вистинскиот пат да ги исполниме нашите фискални планови и да ја одржиме економската стабилност и националната безбедност на нашата земја, рече Трас.

Таа стана премиерка на почетокот на септември, а се бори за политички опстанок откако нејзиниот министер за финансии Кваси Квартенг објави „мини-буџет“ со големи даночни намалувања на 23 септември, што ги потресе финансиските пазари.

По таа објава, британската цена за задолжување порасна, загрозувајќи го пазарот на недвижнини и дополнително влошувајќи ги трошоците за живот. Трас имаше најлош рејтинг од кој било британски лидер во последните децении.

Таа се откажа од најголемиот дел од најавената политичка програма, а вчера остана без министер за внатрешни работи, една недела откако го разреши министерот за финансии.

Конзервативните пратеници отворено се судрија во парламентот, по неуспешното гласање за фракинг што некои го сметаа за гласање за доверба на нејзината влада.

Оставката на Лиз Трас е голем удар за партијата која под водство на Џонсон извојува убедлива победа на изборите во декември 2019 година. Нови лидерски избори наскоро ќе се одржат по забрзан распоред, а Трас најавува дека за една недела ќе се избере нов лидер.

Меѓу луѓето кои би можеле да се кандидираат се Риши Сунак и Пени Мордоунт, противници кои загубија од Трас на последните избори, како и Џереми Хант, актуелниот министер за финансии кој го наследи Квартенг во петокот.

 

Потенцијалното враќање на Борис Џонсон во политиката не е исклучено, а некои од сојузниците на Џонсон во последните недели тврдеа дека неговото сменување било грешка.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Русковска: Кривичната пријава е притисок кон мене, но и кон сите обвинители

Следниот Пост

44 новозаразени со Ковид-19, пријавени се 3 починати лица