Со интервенција на полицијата денеска е попречено собирање на граѓани во Вевчани кои сакаа и годинава да го одржат традиционалниот карневал. Повеќе припадници на редовната полицијата но и на Единицата за брзо распрделување денеска интервенираа во центарот на Вевчани каде имаше групирање на неколку стотици граѓани. Припадниците на ЕБР дојдот со неколку полициски комбиња по што во кордон ги потиснаа граѓаните кои беа групирани околу фонтаната во Вевчани и облечени во карневалските костуми. Можеа да се забележат маските за „Бугарскиот фашистички окупатор“, вакцините на Фајзер и Спутник,легализација на марихуаната, датумот за ЕУ.
Снимката за оваа интервенција веднаш се појави на социјалната мрежа Фејсбук. На снимката објавена на профилот „Шиломагазин“ се слушат извици на незадоволни граѓани: „Уа“, „Полициска држава“ и други.
-Полициски службеници денеска интервенираа во Вевчани поради непочитувањето на мерките и прописите за спречување на ширење на коронавирусот односно забраната за групирање на повеќе од четири лица со што се загрозува здравјето на граѓаните во услови на глобална пандемија. Имено, и покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група на граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани, истакна Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид
Инаку Општина Вевчани објави дека се откажува од организирање на концертите на 12- ти и 13- ти јануари за да се спречи масовно собирање поради пандемијатата со Ковид-19.