Просечната светска температура достигна нов максимум во понеделникот на 3-ти јули и првпат надмина 17 степени Целзиусови, објави во средата Би-Би-Си. Американските истражувачи рекоа дека новиот рекорд е највисок во однос на која и да е скала на мерења која се спроведвуа од крајот на XIX век.
Научниците веруваат дека топлината е предизвикана од комбинација на природен временски феномен познат како Ел Нињо и емисиите на јаглерод диоксид. Потврдено е и дека минатиот месец бил најтоплиот јуни досега во светот.
Научниците од американскиот Национален центар за предвидување на животната средина соопштија дека на 3-ти јули просечната глобална температура достигнала 17,01 Целзиусови степени, соборувајќи го претходниот рекорд од 16,92 Целзиусови во август 2016 година.
Научниците се загрижени поради порастот на температурата и на копното и на морето од почетокот на оваа година.
Рекордните пролетни горештини во Шпанија и многу азиски земји беа придружени со морски топлотни бранови во области каде што вообичаено не постојат, како што е Северното Море.
Долготрајниот топлотен бран продолжи во Кина и оваа седмица со температури над 35 степени Целзиусови на некои места, додека јужниот дел на САД беше изложен на задушливи услови.
Вредноста на температурата измерена во понеделникот е највисока од почетокот на сателитското набљудување во 1979 година. Експертите веруваат дека ова е највисоката температура измерена од почетокот на широко распространетите инструментални мерења на крајот на XIX.
– Просечната глобална температура на површинскиот воздух достигнува 17 степени Целзиусови првпат откако имаме веродостојни податоци е важна симболична пресвртница во нашиот свет што се загрева, тврди климатскиот истражувач Леон Симонс.
– Сега кога започнува потоплата фаза на Ел Нињо, можеме да очекуваме многу повеќе уривање на дневни, месечни и годишни рекорди во текот на следната година и половина, предупреди Симонс.
Велика Британија го забележа најтоплиот јуни годинава, а влијанието на високите температури се чувствува и на крајните делови на светот. На Антарктикот соборен е јулскиот температурен рекорд од 8,7 степени Целзиусови, прочитан во украинската истражувачка база Вернадски.
Научниците веруваат дека како што летото напредува и Ел Нињо се засилува, временските услови ќе се влошуваат.




