Последните зборови му беа: „Македонија ќе биде слободна“, а народот на Александар Турунџев му испеа песна…

Речиси цела година откако откако бил фатен бил измачуван во затворот. На крајот, турскиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осудил на смрт, а казната била извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-пазар, на 30 август, односно, на 11 септември 1905 година. Турунџев со пранги на рацете и нозете најпрво бил изложен на плоштадот во Битола. Поворката тргнала од Саат-кулата, крај Безистенот, реката Драгор, па сè до Ат-пазар. Турунџев бил сместен на запрежна кола, а напред одел џелал кој ја читал веста дека ќе биде егзекутиран. Кон поворката се приклучиле над 3.000 битолчани, а збунетиот поп пред егезкуцијата го прашал: „Кои се твоите последни зборови?“

Тогаш Александар се поткачил на некаков кош, го фатил јажето, ги подигнал очите кон небото и извикал: „Македонија ќе биде слободна!“ По извикот, сам го ставил јажето на својот врат и се обесил…

Ваков беше крајот на животниот пат на еден од големите македонски револуционери Александар Турунџев, роден во 1872 година во селото Горно Врбени, леринско и кој во редовите на ТМОРО се вклучил многу млад, најнапред како четник, а потоа како војвода.

За време на Илинденското востание со својата чета зел активно учество во борбите кај Леринско. Во текот на сите години на илегално живеење и движење, Турунџев ги обиколува редовно селата во Леринско и некои во Долна Преспа и Битолско. Станува популарен заради својата храброст и ревност кон природниот стремеж на сопствениот народ да извојува слобода со оружје во рацете. Освен тоа бил силен маж, атлетски граден, висок, со бујна бушава коса, со високо чело и орелски поглед.

Насекаде бил мил гостин, зашто со другарите ги истребил најголемите насилници и крвници во Леринско, а оние кои посакуваа не се осмелуваа да станат нови угнетувачи и мачители на македонскиот народ, заради големиот страв од Александар Турунџев.

По одлуката за кревање востание на Солунскиот и нејзиното потврдување на Смилевскиот конгрес, на Турунџев му била доверена обврската да го доорганизира сопственото село и да го подготви за востанието. За време на Илинденското востание во Леринско била запазена директивата на Смилевски конгрес за герилски начин на војување, при што дејствувале четите, а селаните останале во своите села. Вкупно биле мобилизирани 500 борци, при што само родното село на Турунџев даде околу 100 храбри востаници.

Османските војсководачи изработиле детален план за контраофанзива против македонските револуционерни, востанични единици. А за да го спречат повторното засилување на востаничкото движење во Леринско, вилаетските власти во Битола донеселе одлука за сместување нова единица во родното село на Турунџев, која пристигна со својот командир на 14 ноември 1903 година.

Неговото присуство не ги исплашило членовите на ТМОРО во легендарното Горно Врбени, ниту пак ја запрела организационата дејност на Александар Турунџев, кој почна со обнова на револуционерната мрежа во својот реон, станувајќи се популарен, особено по ревизионата посета на реонот од страна на Даме Груев, врховниот командант за време на Илинденската револуција и неговата верна сенка, бескомпромисниот револуционер – Ѓорѓи Сугарев.

По востанието учествувал во обновувањето на револуционерната мрежа во својот реон и влегол во новиот состав на Леринското горско началство. Но, кон крајот на 1904 година, во селото Ајтос, Леринско, бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици и по што бил заробен и одведен во битолскиот истражен затвор. Оттаму, по херојската смрт на битолскиот Ат-пазар, народот никогаш не го заборавил. На неговото име и на неговото дело му посветил и посебна песна чии стихови почнувата со зборовите: „Црно му било пишано на Александар Турунџов, шеснаесет години војвода, на седумнаесет го фатија…

Гробот му се наоѓа на битолските гробишта Света Недела.

 

Претходна вестСончево и топло со слаб ветер
Следна вестПразник со строг пост: Се чествува отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител, денот на погубувањето на светителот