Претепан академик Чашуле: Тројца силеџии ме удираа, а полицијата ме избрка кога пријавував

Нападнат и претепан академик Илија Чашуле. Имено, како што самиот академик соопштува преку Фејсбук, тој бил следен од тројца мажи кои му го попречувале патот кога со автомобил се враќал од Прилеп, а кога стасал во Скопје на неколку метри пред својот дом бил брутално претепан и има видливи повреди.

-Се обидов да им избегам, ама кај Влада, баш на Димитрие Туцовиќ, кај што сум растел, почнаа да ми го попречуваат патот и излегоа првпат од кола да ме блокираат, но јас ги одминав. Продолжив по Илинденска и тие пак запреа и излегоа двајца, пак со цел да ме блокираат, да ме запрат и да ме нападнат. Ме фати семафорот кај парк кој трае долго. Силеџиите беа три коли зад мене и излегоа тројцата и дојдоа до мојата кола, среде улица и почнаа да пцујат и ми ја отворија вратата и почнаа да ме удираат додека јас се уште седев. Тројца млади јаки мажи тепаат 64 годишен човек, напишал академикот Чашуле.

Тој се бранел колку можел но насилниците му ги набиле очилата под левото око и почнал да крвари.

– Ме удрија и по носот, кој исто почна да крвари, и ме удрија на милиметри под окото, кое потече и исто така крвареше. Ми удри еден од нив бокс во ребрата и ми го повреди најдолното лево ребро. По кратко време, кога видоа дека им враќам, тргнаа кон својата кола пцуејќи ми мајка… Значи имаше многу коли, многу сведоци, но никој не им го попречи патот, никој десетина минути иако очигледно крварев, НИКОЈ не запре да ми помогне. Отидов на тротоарот и една жена ми пристапи која виде сѐ и која се згрози. Меѓутоа и таа се исплаши и си замина. Континуирано крварев 15 минути и почна малку да ми се врти во глава. Едно момче, исто сведок ми понуди помош и ме испрати до дома, објаснил академикот.

Чашуле си поставува неколку прашања – кој ми ги смести силеџиите?

-СДСМ, Заев, Шеќеринска? Ахмети, ДУИ? или можеби дури од МАНУ, ВМРО? Мијалков? Или најпосле сите овие креатури најдоа кауза околу која да се здружат и да ме ликвидираат оти со мојата праведност им ги мрсам сметките? Да го натепаат најеминентниот етимолог, индоевропеист, македонист, балканолог и славист?, прашува тој.

Во комуникацијата на Фејсбук со граѓани кои му даваат подршка, Чашуле кажува и дека бил во полиција да пријави, но бил избркан од полициската станица.

Инаку, Чашуле покрај по науката е познат во јавноста и како еден од академиците кои се против промена на името на државата и на МАНУ.

 

Претходна вестВреме погодно за прошетки во природа, температура до 20 степени
Следна вестНе убедуваа дека е многу важно да имаме функционален парламент, а сега…