Претставен е предлог-текстот на новата „Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030″. Тоа денеска го стори министерот за надворешни работи Тумчо Муцунски кој објасни дека се работи за петгодишен план за развој на соработката со претставниците од дијаспората, иселениците и припадниците на македонското национално малцинство.
„Ја претставуваме нашата обврска, нашата зрелост и нашата одлучност како држава – конечно, вистински, системски и долгорочно да им се посветиме на нашите луѓе надвор од границите. Државата создава систем, а не импровизација; партнерство, а не протокол; долгорочна визија, а не ад-хок мерки”, истакна министерот.
Стратегијата во следните неколку дена ќе биде отворена за јавноста, а секоја заинтересирана страна ќе може да даде придонес за нејзино подобрување.




