Темен режим Режим на светлина

Денеска продолжува судењето за пожарот во кочанската „Пулс“

Осомничените полицајци од Кочани негираат одговорност за трагедијата во „Пулс“ Осомничените полицајци од Кочани негираат одговорност за трагедијата во „Пулс“

Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

На денешното рочиште се предвидени воведни зборови на одбраната на Александар Нацев, што според Обвинителството дејствувал како неформален, односно реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, фирмата задолжена за обезбедувањето на клубот како и одбраната на обвинетите правни лица „ММММ КАФЕ“ ДООЕЛ Кочани и „РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШНС“.

Претходно, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“. Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност.

Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Некои од нив изразија сочувство кон семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.

Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.

Во досегашните воведни обраќања своја одбрана веќе имаа и првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, сопственикот на „МММ кафе“ Митко Стојанов, обезбедувачот Стојанчо Димитриев и Гроздан Милковски, сопственик на објектот. Јованов претходно истакна дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден доказ и дека е обвинет само затоа што е член на семејството Јованови.

Бранителите на Митко Стојанов нагласија дека обвинението против него е неосновано и дека нема причинско-последична врска меѓу неговите постапки и пожарот. Адвокатката на Гроздан Милковски потенцираше дека постапката за закуп е била законита, дека Милковски поседувал валидна документација и дека не учествувал во адаптација на објектот.

Проектантот Милка Едровска преку својата одбрана истакна дека била ангажирана само за сообраќајно решение за паркинг и дека нема никаква врска со адаптацијата на објектот, ниту со неговата внатрешна структура. Градежните инспектори, пак, тврдат дека не можеле да постапуваат без пријава или наредба, а дека причината за трагедијата не се градежни пропусти.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Собранието ги избра Беким Сали и Мухамет Хоџа за нови министри

Следна објава

ДЗС со апел за заштита од пожари за претстојните празници