Скопските градоначалници се почесто објавуваат видеа од рушење на дивоградби, испраќајќи порака дека ја почнале борбата против урбаниот хаос и урбанистичката мафија. Ова е позитивен сигнал и долгоочекуван чекор за ставање на ред во досегашното градежно безаконие во Скопје.
Но, дали и каде оваа рушење ќе продолжи? Сега се почна само со со уривање мали објекти и шупи, затрупување темели, рушење на ситни доградби и магацини од по педесетина квадрати.
Да, тие објекти треба да се рушат ако се изградени незаконски, затоа што законот мора да важи за сите, но јавноста со право прашува: Кога ќе почне вистинската борба против урбанистичката мафија? Затоа што Скопје не го унаказија шупите, туку зградуриите што во минатото никнуваа без дозволи и без планови, надвор од секој нормален ДУП.
Граѓаните сакаат да видат багери и инспектори пред дивоизградените поголеми објекти, многукатници… Оти борбата против урбанистичкиот хаос не се мери со бројот на видеата објавени на Фејсбук, туку со подготвеноста силно да се удри во срцето на скопската урбанистичка мафија.


