Во Белград, Србија денеска е прогласена вонредна состојба како резултат на влошената епидемиолошка состојба. Оваа одлука била донесена на седница на Градскиот кризен штаб.
Заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, за ТВ Прва, објасни дека ова е стандардна постапка така што може да се изменат мерките што ги објави претседателот на Србија, а кои се однесуваат на влошената епидемиолошка состојба во Белград.
Весиќ прецизираше дека Владата на Србија потоа ќе донесе одлука да пропише одредени мерки на територијата на градот Белград, врз основа на одлуката на градскиот штаб за прогласување вонредна состојба.
Кога станува збор за мерките, се забранува влез во затворени простории без маска, каде ќе треба да се почитува растојанието од 1,5 метри, додека сите што користат јавен превоз ќе треба да носат маски, за што ќе бидат предвидени одредени санкции.
Покрај тоа, ќе биде забрането да се соберат повеќе од сто луѓе во затворено и повеќе од 500 на отворено.
Работата на угостителите ќе биде ограничена и нема да се работи помеѓу 23 часот и 6 часот наутро.
-Овие мерки ќе ги воведеме на две недели и сметаме дека ќе биде доволно да се вратиме во нормален живот по тоа, рече заменик-градоначалникот.