Најавеното од 6,8 проценти е недостоинствено и се чувствуваме како граѓани од трет ред, велат прилепските пензионери кои денеска излегоа на самоиницијативен протест пред Здружението на пензионерите во центарот на Прилеп. Во Прилепскиот регион се близу 14 000 пензионери од кои повеќе од половината се со ниски пензии под 15 000 денари.
– Бараме линеарно зголемување, доста е со процентуално. Ако ним им одговараше со 78 насто и зедоа по 12 000 денари плати, ние барем 3 500 денари бараме зголемување, малку од малку да ги задоволиме потребите во домаќинствата. Незадоволството не е само во Прилеп, туку во цела Македонија. И ова ќе продолжи секој ден, сѐ до удоволувањето на барањето на пензионерите. Им се „восхитувам“ на министерката за труд и социјална политика и на нашите државни претставници кои се согласни пензионерите да добијат 6 насто покачување на пензиите. Дали се запрашале дека имаме пензионери со пензија од 10 500, со 12 500 со 13 000 денари пензија. Дали тие би можеле со тие пари да купат таблети, храна, да живеат. А пензионерите и со 10 000 и со 50 000 имаат исти потреби. Шетањето и екскурзиите се еднаш-двапати во годината, ама јадење ни треба секој ден.