Бројни арапски и блискоисточни земји реагираа по иранските одмазднички напади врз американски бази во Катар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, Јордан и Бахреин.
Катар ги опиша нападите како „флагрантно кршење на својот национален суверенитет“, додавајќи дека тие покажуваат неблагодарност на Техеран за континуираните посреднички напори на Доха.
Саудиска Арабија ја нарече иранската операција „предавничка“, Кувајт се повика на членот 51 од Повелбата на Обединетите нации, потврдувајќи дека „кувајтската противвоздушна одбрана успешно ја одбила агресијата во согласност со одобрените оперативни процедури и важечките правила на дејствување“.
Оманскиот министер за надворешни работи Бадр Албусаиди изјави дека е „вчудоневиден“. Ирак соопшти дека ја следи ситуацијата со „голема загриженост“ и ги повика ирачките граѓани кои се наоѓаат на местата на нападите или во нивна близина да побараат засолниште.
Францускиот претседател Емануел Макрон веднаш по ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток, побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации, предупредувајќи дека избувнувањето војна меѓу САД, Израел и Иран има „сериозни последици“ за меѓународниот мир и безбедност.
Од кабинетот на Макрон соопштија дека тој одвоено разговарал со лидерите на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Јордан, како и со претседателот на автономниот регион Курдистан.
Франција е подготвена да ги распореди потребните ресурси за да ги заштити своите најблиски партнери, на нивно барање, објави Макрон.
Иранската државна телевизија објави снимки кои ги прикажуваат последиците од утринските американско-израелски напади врз Техеран. На снимките се гледа материјална штета во иранскиот главен град по воената операција, а прикажан е и кратер од кој се издига чад.
Да потсетиме, САД и Израел рано утрово започнаа напади врз Иран. Иран возврати со напади врз повеќе американски воени објекти низ Блискиот Исток, при што истовремено гаѓал четири американски бази во Катар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, како и базата на Петтата флота на американската морнарица во Бахреин.



