Романската православна црква си даде свое име на МПЦ-ОА – „Архиепископија Охридска и Северна Македонија, со седиште во Скопје“

Романската православна црква ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА врз основа на томосот издаден од Српската православна црква но определи и своја варијанта на името со кое ќе ја именува македонската црква.

– Се одобрува признавањето на автокефалноста доделена на Црквата во Република Северна Македонија под името „Архиепископија Охридска и Северна Македонија, со седиште во Скопје“ од страна на Патријаршијата на Србија со нејзиниот синодален Томос издаден на 5 јуни 2022 година. Неговиот поглавар ќе биде одбележан со наслов „Неговото Блаженство Архиепископ Охридски, Скопски и Северна Македонија Стефан, пишува во одлуката на Синодот на Романската православна црква по вчерашната седница.

Романските владици на чело со патријархот Данаил, се решиле на сопствена формула на името со кое ќе и се обраќаат на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Определеното име  „Архиепископија Охридска и Северна Македонија, со седиште во Скопје“ е различно од она со кое Српската православна црква ја призна автокефалноста на нашата црква – Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Дилема е зошто Романската православна црква се решила на сопствена варијанта на името во ситуација кога го признава Томосот издаден од Српската црква? Патријаршијата во Букурешт досега имаше мошне добри односи со МПЦ-ОА и немаше проблем со уставното име на нашата црква. Сега, во името на црквата и во тутулата на архиепископ Стефан се прави нова конструкција при што се употребуваат и додавките „Скопје“ и „скопски“.

Определеното име е различно и од она коешто го определи Буагрската православна црква која реши да го прифати томосот издаден од СПЦ на „Православната црква во Република Северна Македонија“. Бугарските владици тогаш решија името на МПЦ-ОА да се определи со сеправославна одлука а на поглаварот Стефан ќе му се обраќаат како „Архиепископ на Северна Македонија“.

Вселенската патријаршија, пак, објави дека на нашата црква ќе и се обраќа како на „Охридска архиепископија“.

Претходна вестМоже ли Ковачевски и Сали заедно да се преиспитаат и да си разменат напишани оставки?
Следна вестСДСМ: Oтстранета е опасноста земјата да биде зафатена од радикални елементи како Левица и ВМРО-ДПМНЕ