Се одбележува 149 години од раѓањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев

Со полагања на свежо цвеќе пред неговиот гроб денеска во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје ќе се одржи одбележување на 149-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Ќе има и делегација од македонското Собрание.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, Егејска Македонија. Тој е еден од најистакнатите револуционери и синови на македонскиот народ. Уште за време на неговиот живот тој бил наречен апостол на револуцијата за ослободување на македонскиот народ. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода од Османлиите тој ја обиколил цела Македонија.

Делчев е идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Во зачуваните писма Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население: „Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и тогаш, тие добороволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите“.

Непријателите на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат. На 4 мај 1903 година, Гоце Делчев загинал во борба со османлиската војска во селото Баница.

Претходна вест55 пратеници го спасија Димитров од интерпелацијата
Следна вестШвајцарија бара дополнително истражување за вакцината на „Астра зенека“ пред употребата