Се заборава ли незаборавното: „Добро утро ученици…“ почнал учителот настава на македонски јазик во 1943 година

„Деца, отсега натаму ќе си учите на вашиот мајчин македонски јазик, и нема веќе да се презивате на -иќ, туку на -ски.“, било прво обраќање на учителот Василко Ристевски на околу двесетина ученици во училиштето во селото Подвис, кичевско на 17 септември 1943 година. Тие зборови, во регионот ослободен од фашистичките окупатори во текот на Втората светска војна, практично означија почеток на наставата на народен, македонски јазик кој дотогаш беше непризнаен, забранет, исто како и постоењето на македонскиот народ.

Голем и значаен датум за Македонија! Го одбележуваме ли или го заборавивме?

Тогаш, на дваесетината ученици колку што ги имало во класот и кои главно биле од оваа кичевско село, учителот им рекол и тоа да се поздравуваат со зборовите „добро утро“ и „добар ден“. На неговиот поздрав при влегувањето „Смрт на фашизмот“ му одговарале со „Слобода на народот“.

Сето тоа од ушениците било прифатено со радост. Тие тогаш пишувале на мали таблички, со „крижалиња“ (кредички), затоа што немале тетратки и моливи. На една страна се учеле букви, а на другата математика.

Со овој настан малото училиште во Подвис влезе во македонската историја. Се се случило речиси една година пред одржувањето на историското заседнаие на АСНОМ, во август 1944. Тогаш, познато е, на заседанието во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ беше донесена одлука со која македонскиот јазик е прогласен за службен јазик во новата македонска република. Тоа доволно зборува за тогашната свесност на борците за ослбодување на Македонија и за една од нејзините најважни цели: да може да се користи мајчин македонски јазик.

Инаку, од училиштето излегле бројни генерации на деца образувани на македонски јазик. Подоцна, во подолниот дел од селото е изградено ново училиште и во кое се префрлија најголем дел од учениците. Зградата на старото училиште почна да се користи само за организирање на приредби за Нова година, Први мај и други празници. Но, потоа почна и нејзини постепено пропаѓање. Таа зграда сега претставува вистинска руина, урнатина зарасната во плевел и целосно неупотреблива. 

Ќе се заборават ли местото и настанот кои не треба да се заборават?

 

Претходна вестСудење за „Титаник“: Застарувањето на злоупотребата на службената положба ќе биде констатирано во завршните зборови
Следна вестИнцидент на Клиника за кардиохирургија: Вработен ги нападнал директорот и медицинска сестра