Судење за „Титаник“: Застарувањето на злоупотребата на службената положба ќе биде констатирано во завршните зборови

Стапувањето во сила на спорните измени во Кривичниот законик на денешното рочиште во случајот „Титаник“ не предизвика јавно соопштување на постоење на застарување на кривичното дело злоупотребата на службена должност. Рочиштето во случајот каде обвинет е и екс-премиерот Никола Груевски заврши без конкретен исход дали  обвинението за него е застарено. Ниту Обвинителството ниту одбраната денеска не побара да се констатира дали делото за Груевски е застарено. Обвинителката Лиле Стефанова, во неформален разговор, информира дека ставот ќе го соопштат за време на завршните зборови. Не е прецизирано кога ќе дојде ред на завршните зборови во случајот, но тоа не се очекува да се случи наредниот месец или два.

Случајот „Титаник“ се однесува на изборни нерегуларности. Им се суди на 16 обвинети меѓу кои и на поранешните, премиер Никола Груевски и генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски. Претходно во овој случај осудени се шефот на кабинет на Груевски, Мартин Протуѓер. како и екс министрите од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска. Со измените на Кривичниот законик за Груевски и Божиновски делото е застарено и тие ќе се ослободат од дел од казната.

Сепак, на обвинетите ќе продолжи да им се суди за кривичните дела повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Со измените на Кривичниот законик за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања максималната казна затвор може да биде четири години. Во членот 394 за злосторничко здружување, казната за основачот на групата е намалена од една до 10 години на до 3 години, а за членовите од една до 5 години на до 2 години.

Претходна вестПроизводите со намалена цена од среда ќе се продаваат со ознака „гарантирана цена“
Следна вестСе заборава ли незаборавното: „Добро утро ученици…“ почнал учителот настава на македонски јазик во 1943 година