Силјановска – Давкова му кажа на Зеленски дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство

Цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија искажала македонската претседателка Гордана Силјановска – Давкова во телефонскиот разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Нејзиниот Кабинет соопшти дека осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, претседателката рече дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.

Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, чија цел е да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина.

-Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја покани претседателката Сиљановска Давкова да ја посети Украина,  за што тие дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија. За време на разговорот беа нагласени одличните односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес, се наведува во соопштението.

Претседателката Силјановска – Давкова и претседателот Зеленски ја реафирмираа посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави.

Телефонскиот разговор со претседателот Зеленски, претседателката Силјановска- Давкова го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св.Кирил“.

Претходна вестЃорческа поразена во првото коло од квалификациите за „Ролан Гарос“
Следна вестOд струен удар загина 65-годишен маж во Кисела Вода