Навивачката група на Работнички, популарните Сити Парк Бојс, по синоќешниот пораз од Пелистер (63-86) на домашен терен во првиот меч од полуфиналната плејоф-серија, прво ги построи кошаркарите во вербална расправија во која беа разменети и пцовки, за денеска своето мислење да го искаже и преку социјалните мрежи.
Фановите на најтрофејниот кошаркарски колектив не се толку разочарани од поразот, туку од односот на поединци, меѓу кои, како што велат самите, има такви со кои веќе го губат трпението.
-Вчера бевме сведоци на срамниот дебакл на нашите играчи. Трибината исполнета до последно место, еуфорија како што одамна не се осетила мегу публиката, се беше подготвено за еден одличен ден крунисан со победа за да на крај да добиеме што? Натпревар само 15 минути? Легачење по терен и фрлање цигли? Поразот како пораз не боли толку колку што боли не почитувањето кон дресот и името кое го носат. Се си има свој почеток и крај а поединци веќе се на крајот. Нема да дозволиме на никого да си игра со нашата светост па и по цена тоа да придонесе крај на сезоната. Од сега па натаму ќе делуваме ние, се вели во реакцијата на ЦПБ.
Кошаркарите на Работнички првата шанса за подобрување на впечатокот ќе ја имаат веќе в среда кога повторно ќе го пречекаат гостин од Битола во средба која едноставно не смеат да ја загубат.