Во понеделник стартува 41-то „Скопско лето“. Традиционалната дата на кога почнува е првиот ден од летото, 21 јуни, но пандемијата овој пат ги одложи сите светски манифестации, традиционални фестивали и слично, па и „Скопско лето“.
Сепак, стартува на 6 јули, во 20.30 согласно сите протоколи за заштита на здравјето на граѓаните, во Сули ан, со концертот „Скопје во три бои“ на кој ќе настапат: Душко Георгиевски – вокален изведувач и флејта, Ратко Даутовски – ударни инструменти, Емил Адамски – кавал и акустичен бас, Бајса Арифовска – пијано, тамбура, виолина, кларинет и Благоја Алачки – гитара.
Бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде почитувањето на препорачаните мерки: носење заштитни маски, мерење телесна температура, одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето и дезинфекција, а влезот на публиката во Сули ан ќе почне половина час пред концертот, односно во 20 часот. Влезниците за настаните ќе се продаваат онлајн преку: kupipartizase.com или во салонот на „Југотон“ во Градскиот трговски центар.