Законот за игри на среќа не е усвоен на вчерашната собраниска седница. Ова денеска го соопшти македонското Собрание наведувајќи дека тој не добил доволен број на гласови на пратениците.
-Имајќи ја предвид Одлуката од Уставниот суд У.бр. 115/2019 од 14.05.2020 година, според која за да биде усвоен Законот потребни се најмалку 61 глас „за“, при одлучувањето за Законот за игри на среќа и забавни игри, на 145. седница, Законот доби поддршка од 51 глас „за“, со што не се исполнети условите за Законот да биде усвоен и со тоа завршува процедурата по тој Закон, соопштија од Собранието.
Овој закон беше повторно ставен во собраниска процедура на усвојуваше откако шефот на државата Стево Пендаровски одби да го потпише указот за негово прогласување. Причина за тоа е што Пендаровски сметаше дека овој закон не може да се носи со европско знаменце.
Инаку, покрај другото, овој закон предвидува казината да се оддалечат на 500 метри од училиштата и детските градинки. Асоцијација на приредувачи на игри на среќа протестираше против негово донесување и кажа дека донесувањето на овој закон ќе остави илјадници граѓани без работа оти ќе бидат затворени скоро сите казина низ Скопје.