Темен режим Режим на светлина

Струјата ќе биде поскапа за оние кои трошат повеќе од 420 киловат часови

Одржување на уште една јавна дебата за новиот тарифен систем а потоа и конкретно дефинирање на четирите блок тарифи за високата дневна тарифа, односно, за „скапата струја“, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимовски.

На денешната прес-конфереција на РКЕ беше соопштено дека предлогот е скапата струја да биде поделена во четири блока. Потрошената струја до 210 киловатчаса во скапа тарифа месечно, ќе се плаќа 35 отсто поевтино од сега, потрошувачката меѓу 210 и 420 киловатчаса ќе биде со цени слични на сегашните, меѓу 420 и 630 киловатчаса ќе биде поскапа, а секој киловатчас над границата од 630 киловатчаса скапа струја месечно ќе биде многу поскап и ќе биде по слична цена со индустриската струја. Евтината струја ќе остане како една тарифа за сите, во периодот меѓу 22 и 7 часот, вклучително и во недела.

– Потрошувачката во период на важење на евтина струја нема да влезе во блок тарифите. Повисоки сметки за струја ќе плаќаат оние кои трошат над 420 киловат часови електрична енергија во висока тарифа, објасни Бислимовски.

На прес-конференцијата беше презентиран калкулаторот за новиот тарифен систем за универзалниот снабдувач со електрична енергија. Калкулаторот од денеска е достапен на веб страницата на РКЕ www.erc.org.mk и со него секој граѓанин може да направат споредби за сметките меѓу постојниот и новиот предлог тарифен систем со блок тарифи за високата тарифа на потрошена струја.

– Со постојниот модел со четири блока нема да се зголемат сметките за потрошувачите што трошат до 850 киловат часови струја месечно, објасни професор Рубин Талески од ФЕИТ.

Бислимоски денеска потврди дека е покрената постапка за одземање на лиценците на Балкан енерџи груп (БЕГ) за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија.

-Во моментот кога ќе ги одземеме лиценците ќе ја информираме Владата и согласно Законот за енергетика Владата е должна да распише тендер на кој ќе треба да се најдат нови вршители на енергетската дејност. За одземањето на лиценците нема да има реперкусии – ниту граѓаните, ниту индустријата нема да плаќаат ниту еден денар. Сигурен сум дека се ќе заврши пред почетокот на грејната сезона. Не можам да кажам колку ќе трае тендерот, но верувам дека од октомври БЕГ нема повеќе да ги грее скопјани, рече Бислимоски.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Пронајден дел од човечки труп во ливада во село Конопница

Следна објава

Ребаланс влезе во собраниска расправа - зголемување на стандардот или вовед во банкрот?