Ќе има ли и денеска ново покачување на цените на горивата? Ова стана прашање кое се провлекува повеќе од еден месец. Цените отидоа до небо, власта не прифати да се намали акцизата за горивото да има поприфатлива цена.
Кога ќе се намалат цените на патарините? И на ова прашање се чека одговор. Особено по најавата на македонски министер дека се разгледува оваа можност.
-Се прават модалитети со кои ќе се намали цената на патарините на државните автопатишта…, кон крајот на март најави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Изјавата дојде откако тогаш во јавноста се актуелизираше прашањето на скапите патарини во Македонија, лошиот квалитет на патиштата, откако се виде дека овие надоместоци се поскапи отколку во другите земји и откако во парламентот се поднесоа предлози за законски промени со кои тие ќе се намалат за 50 проценти…
Сега, по два и пол месеци јавноста ниту ги виде предлозите за модалитети, ниту виде намалување на цената на патарините, ниту, пак, има некаква најава за тоа. Но, изјавата, очигледно ја постигна целта на министерот – барањата во јавноста се смирија со најавата дека ќе има намалување, во тоа име се одби и предлогот на Левица во парламентот патарините да се намалат… А во реалноста граѓаните и натаму продолжија да си плаќат скапи патарини. Па така, се уште за одење до и враќање од Гевгелија потребни се дури 720 денари, а за годишно поминување на делницата од 75 километри до Штип и назад се потребни 1.250 евра, до и од Куманово – 800 евра за 40 километри, за Велес речиси 1.000 евра за 50 киломентри, од Тетово 650 евра за 42 километри, од Гостивар 1.100 евра за 65 километри… Односно, надоместокот за плаќање на патарини и натаму се определува по формулата 2,57 денари за еден километар…
Во услови на истенчениот стандард, на драстично зголемување на цените на горивата, тоа, секако, дека е премногу. Министерот за транспорт и врски Бочварски треба да објасни до каде е намалувањето на цената на патарините? Зарем ќе се реагира „брзо“ како за одроните на патот Св. Николе – Скопје кои со месеци стојат неисчистени?




