Темен режим Режим на светлина

Арсовска: Градежната офанзива во Скопје започнува со реконструкција на повеќе од 20 улици во Ѓорче Петров

Во општина Ѓорче Петров започнуваме со реконструкција на повеќе од 20 улици а со тоа започнува и скопската градежна офанзива, најави денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Таа заедно со градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов, денеска на прес конференција во населеното место Кисела Јабука, го најавија започнувањето на реконструкциите.

-Станува збор за улици кои досега не биле асфалтирани, односно за првпат се асфалтираат на барање на граѓаните да добијат улици и услови какви што заслужуваат. Градот Скопје за оваа меѓуопштинска соработка одвојува 4 милиони денари, истакна Арсовска.

Градоначалничката појасни дека во оваа прва фаза ќе се пристапи кон реконструкција на улици во пет населени места во оваа општина, во село Волково, Кисела Јабука, Даме Груев, Ново Село и Стопански Двор, ќе се реконструира патна инфраструктура во должина од пет километри.

Со оваа реконструкција ќе бидат опфатени улиците во село Волково и тоа улица 83, улица 100 десен крак, улица 3, 73, 74, 78, улица 80 Пржина, улица 81 крак 1, 2, 3 лево, улица 81 крак 4 десно. Во Кисела Јабука улиците 4, 6, краците на улицата 46 и 46а и улиците 68, 10 и 34. Улицата Антон Кецкаров во населено место Даме Груев, во Ново Село пред училиштето крак десно, крак лево и краците на улиците 4 и 2, како и улица 52 десен крак во населба Стопански Двор.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски истакна дека оваа реконструкција е во интерес на над 20 илјади жители кои живеат и гравитираат на овој дел од општината, каде повеќе од неколку децении не се реализирани барањата на граѓаните.

Вкупната површина на улиците кои ќе бидат асфалтирани е над 16.000 квадратни метри, со променлива широчина на улиците од 3 до 5 метри.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

МВР врши претрес во затворот Идризово

Следна објава

ВМРО-ДПМНЕ: Талат Џафери да ја стави на дневен ред интерпелацијата за него и да не се крие