Лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари нема да присуствува на денешниот состанок на партиското Централно собрание свикано од претседавачот со ова партиско тело Зијадин Села, кој е и поранешен лидер на оваа партија.
Од партискиот табор на Таравари соопштија дека тој нема да дојде во Скопје на состанокот кој доаѓа по жестоките јавни конфронтации со Села околу настапот на претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај.
Села претходно најави дека ќе се бара одговорност од Таравари, па како прва точка на дневен ред е извештајот околу политичките случувања во врска со наредните претседателски и парламентарни избори. Се очекува да се дискутира и околу одлуката на Претседателството на партијата од октомври лани за настапот на парламентарните избори закажани за 8 мај.
Јавните препукувања почнаа откако актуелниот партиски лидер се изјасни дека е за заеднички настап со опозициските партии од албанскиот блок кои се обединети под името Европски сојуз за промени. Села, пак, се залага за самостоен настап што од другиот табор и од опозицијата го толкуваат како соработка со владејачката ДУИ.
Во четвртокот (8 февруари) се одржа и паралелен состанок на собранието, кој Таравари го свика во Куманово. Тогаш од овој табор објавија дека на него присуствувале 75 членови на партиското собрание кои му дале поддршка на Таравари. Од крилото на Села, пак, собирот во Куманово го оценија како нелегитимен потенцирајќи дека на состанокот имало помалку од 40 членови, а не 75.
Фото: Архива