Ковачевски: Пендаровски, поранешни претседатели, судии, секретари на партија можни кандидати за претседател

Има повеќе еминентни можни кандидати кои се предложени од редовите на СДСМ, изјави денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски одговорајќи на новинарско прашање околу кандидатите за претседател на државата. Тој напомена дека и актуелниот претседател Стево Пендаровски е предложен од општинските организации, а предложени се и други поранешни претседатели на државата, поранешни претседатели на СДСМ, поранешни секретари на СДСМ, врвни поранешни судии.

Ковачевски на заедничката прес-конференција со претседателот на Социјалдемократската партија на Германија, Ларс Клингбеил, прашан колку вкупно номинации има за кандидат за претседател, одговори дека не може да каже точна бројка, но се работи за повеќе еминентни можни кандидати.

-Не можам да ви кажам точно колку можни кандидати се предложени затоа што ги немам бројките пред мене. Тие се собираат во секторот на организацискиот секретар. Се работи за повеќе еминентни можни кандидати, вклучително и претседателот Пендаровски, кој што е предложен од општинските организации. Тоа што можев да го видам од она што го имаме добиено на располагање од општинските организации, само потврдува дека СДСМ е голема партија, партија која располага со врвен кадровски птоенцијал и која секогаш ги има најдобрите кандидати за сите позиции, додаде Ковачевски.

На барање да ја коментира изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека би прифатил да биде заеднички кандидат за претседател на државата, Ковачевски потенцираше дека таа покажува дека СДСМ е на исклучително демократско ниво и секој кој ги исполнува критериумите согласно правилникот, може да биде предложен.

-Тоа што го кажува потпретседателот на партијата Битиќи, апсолутно е во корелација со тоа што го кажувам, а тоа е дека оваа постапка во нашата партија е на исклучително високо демократско ниво. Секој може да биде предложен, кој што ги исполнува критериумите согласно правилникот и сечија кандидатура и амбиција, сечиј капацитет и потенцијал нормално дека од Извршниот и од Централниот одбор на партијата ќе бидат земени во предвид, рече Ковачевски.

Претходна вестЃорческа елиминирана од фјучерсот во Анталија
Следна вестНа Балканијадата во Истанбул: Сребрен медал и нов македонски рекорд за Трајковски