Грција го информира светот за неважечки македонски пасоши од 12 февруари

Oфицијална Атина нема да ги признава пасошите на кои го нема официјалното ново име на македонската држава. Грчките медиуми јавуваат дека нивниот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис писмено ги известил колегите министри и меѓународните организации за обврската за патните исправи на Македонија од 12 февруари. Во официјалното писмо тој вели дека на 12 февруари завршува петгодишниот преоден технички рок од Преспанскиот договор за промена на патните исправи со новото име на нашата држава.

Ова известување тој го пратил уште на 30 јануари.

-Тоа значи дека сите официјални документи и материјали на Северна Македонија за меѓународна употреба треба да ја имаат само терминологијата од член 1(3) од договорот од Преспа, ги потсетува колегите грчкиот шеф на дипломатијата.

Амбасадорот на Белгија за Македонија, Фредерик Мерис, во интервју за „Независен“, најави дека работна група во Европската унија идната недела ќе расправа како да ја имплементира одредбата од Преспанскиот договор според која од 13 февруари  сите пасоши мора да го содржат наметнатото име на државата. Мерис оцени дека ќе биде лошо ако ЕУ нема заедничка позиција околу имплементацијата и ако земјите членки поединечно одлучуваат како да ги третираат македонските граѓани со пасоши во кој го нема омилениот збор на власта – Северна.

 

Претходна вестТешко повреден работник во центарот на Скопје, паднал додека изведувал градежни работи
Следна вестСкопје денеска ќе има редовно снабдување со вода, неовластени лица вчера ширеле неточни и непроверени информации