Владата донесе одлука за финансиска поддршка на Град Скопје за реализација на проектот за брз автобуски превоз (БРТ), кој треба да го подобри јавниот транспорт во главниот град.
Проектот предвидува изградба на две главни линии – една во правец Исток–Запад и втората Север–Југ, како и набавка на современи CNG и хибридни нископодни автобуси. Дополнително, планирано е воведување на патнички информативен систем, поставување паметни станици и интеграција со системот за управување со сообраќајот во градот.
Финансирањето ќе се обезбеди преку заем од 70 милиони евра од Европска банка за обнова и развој, а Владата ќе ги пренесе средствата на Град Скопје како неповратна помош.
За одлуката информираше вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој посочи дека преку Министерството за транспорт и Министерството за финансии се обезбедува силна институционална поддршка за реализација на овој инфраструктурен проект.






