Власта најде начин како да се намали иселувањето од Македонија

Стотици и стотици македoнски граѓани и денеска ќе се најдат во долгите редови пред пунктовите на МВР за да го исполнат ултиматумот на власта  – промена на личните документи. Ќе чекаат понижени по студот, по дождот, меѓу отпадоците што се повеќе се трупаат, без клупи, столчиња, неорганизирано, неизвесно…

Ова не е нормално однесување на државни институции кон своите граѓани.

Но, наместо работата да се среди, јавноста сигурно деновиве ќе слушат нова „тура“ на изјави од државните функционери околу тоа може ли или не може да се продолжи рокот за замената којшто истекува на 12-ти февруари. Да бе, уште тоа го расчистуваат.

Изјавите на претседателот на државата, на премиерот, на министрите за надворешни и внатрешни работи се такви што збунуваат. Знае ли некој од нив што да се прави со рокот кој истекува? И бара ли некој од нив навистина решение или чека друг да реагира или…?

Прво шефот на државата Стево Пендаровски создаде надеж дека рокот може да се продолжи бидејќи се случува како што самиот призна „срамно понижување на македонските граѓани“. Доволни биле, брза интервенција во два закони, а ако било потребно и тој ќе искомуницира со грчката претседателка околу нивната согласност за продолжувањето на рокот предвиден со меѓудржавниот Преспански договор. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, најави дека Владата ќе расправа околу тоа, дека е согласен со продолжувањето на рокот ако тоа е можно, но и му даде директна и, според него, клучна задача на шефот на државата за комуникација со грчката колешка. Па Пендаровски му реплицира преку соопштение…

Вчера, пак, по сето тоа надмудрување меѓу премиерот и претседателот, министерот за надворешни работи Бујар Османи откри дека најавите за продолжување на рокот за замената на личните документи е „давањето на лажна надеж…“ и дека државата треба да се организира за да се забрза издавањето на документите…

Министерот во МВР, Оливер Спасовски, едно време велеше дека се ќе биде во ред околу смената на документите, а сега некако тивко само кажа дека тој лично нема никаков проблем дали да се продолжи рокот.

-Ако Собранието одлучи дека тоа треба да се направи, треба да се направи, но во исто време треба да им се каже на граѓаните дека обврската е преземена од Преспанскиот договор кој по 12 февруари ќе даде друга димензија, истакна Спасовски.

И сега што да очекуваат граѓаните? Функционериве ќе прават нешто конкретно за да се реши проблемот кој самите го направија или само пак ќе даваат изјави, а наметнатиот рок истекува?

До сега променети се околу 1 210 000 патни исправи. Кој нема пасош со омилениот збор на власта – северна – по 12 февруари нема да може да патува во странство. Знааат Пендаровски, Ковачевски, Османи и Спасовски дека таков пасош немаат над милион граѓани на Македонија и тоа не по своја вина?

Тоа е многу ограничувачко, многу е лошо. Овој проблем и неговото „решавање“ многу зборува за тоа како е раководена земјава.

Освен, ако на власта ова им е дел од борбата да го намалат иселувањето и да ги задржат луѓето во Македонија? Може па, тоа се визии кои ние обичните смртници не може да ги видиме? А, за наше добро се.

Претходна вестБугарите, Германците и Грците најнезадоволни од животот во ЕУ
Следна вестГренланд губи 30 милиони тони мраз секој час