Пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица, како и од ВМРО-НП која е дел од владината коалиција, денеска почнаа и најавија поднесување амандмани во врска со предложените законски измени кои се однесуваат на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.
Ели Панова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ рече дека пратеници од оваа пратеничка група веќе поднеле два до три амандмани за предложените измени од Законот за работни односи.
-Тимовите на ВМРО-ДПМНЕ во консултации со стручни лица ги разгледаа предложените законски измени и покрај краткиот рок и затоа реков дека ние пристапуваме кон носење, поднесување суштински амандмани со коишто би ги подобриле вака предложените закони, бидејќи сме за градење на капитални инвестиции, но законите што се носат во Собранието во никој случај не смеат да бидат во спротивност на Уставот, рече таа
Од партијата Левица денеска попалдне објавија дека поднеле 1.111 амандамни.
-1.111 амандмани поднесени за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кој неуставно, работната недела од 40 часа се зголемува на 60 часа и работниците ќе работат и недела. Не отстапуваме, ќе се бориме до крај!, објави на Фејсбук оваа партија.
Претходно, пратеникот Борислав Крмов на прес-конференцијата рече дека Владата сака да протне 60 часа работна недела откако Уставен Суд ја укина одредбата.
–Токму Уставниот Суд минатата година го укина членот 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфструктурниот Коридор 8, во кој се предвидуваше можност за 60 часовна работна недела, рече Крмов.
ВМРО-Народна партија најави дека ќе поднесе амандмани на сите предлог-закони поврзани со изградбата на коридорите.
-Целта е заштита на државниот интерес, обезбедување еднакви законски одредби и еднакви услови за изведувачите на големи градежни работи, почитување на правата на работниците кои ќе работат на проектите и заштита на животната средина, истакна на денешната прес-конференција пратеникот на партијата Љупчо Балкоски.
ВМРО-Народна партија побара Владата да го објави Договорот со конзорциумит Бехтел – Енка или да го презантира на коморите, стручните здруженија и невладини организации од оваа дејност.



