„Владата прави се што е во нејзина моќ да испорача резултати, и покрај катастрофалната состојба наследена од претходната влада“, вака ја искоментира премиерот Христијан Мицкоски вчера објавената анкета, на која неговата партија ВМРО-ДПМНЕ има убедливо водство пред останатите политички партии.
„Состојбата која што ја наследивме од претходната влада е ужасна, катаклизмична. Грешките кои што се таложеле со децении и погрешните политики кои што имале негативен ефект врз државата се големи. Ресурсите се, за жал, многу мали како резултат на тие погрешни политики. И ние работиме врз основа на приоритети“, додаде Мицкоски и истакна дека довербата од граѓаните дава дополнителна мотивација за работа.
„Овие бројки само треба да не мотивираат дополнително да работиме. Ова се само поголема одговорност и за мене како претседател на Владата, но и како ВМРО-ДПМНЕ, како носечка партија во рамките на владината коалиција. Во јавноста знаете, од страна на опозицијата се испраќаат погрешни пораки, би рекол, невистинити пораки. Пораки навредувачки, пораки кои што имаат намера да растураат пердуви и по теркот на оние пи-ар стратегии колку фати, фати, колку не фати, тоа е тоа . Ние сме сериозна државотворна партија, така и се однесуваме во Владата, додаде премиерот.
Вчера објавеното истражување на јавното мислење на агенцијата Маркет вижн за рејтинзите на политичките партии и нивните лидери, спроведено од 2 до 18 март, покажува дека граѓаните и натаму најголема доверба имаат во ВМРО-ДПМНЕ и во лидерот на оваа партија и премиер Христијан Мицкоски. Вкупната доверба во сите претседатели на македонски политички партии, според анкетата, е помал од довербата што ја ужива претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето во кој лидер на политичка партија имате најголема доверба, една четвртина од испитаниците (25,2%) се изјасниле дека најголема доверба имаат во Христијан Мицкоски. Потоа следат Али Ахмети (5,6%), Димитар Апасиев (4,2), Изет Меџити (3,9%), Венко Филипче (3,6%) и Максим Димитриевски (3%).


