Темен режим Режим на светлина

За Украина покажаа единство и решителност, кога ќе ги покажат и за Македонија?

Единствени и неподелни оценки и ставови искажаа македонски државни и политички раководители во однос на рускиот воен упад во Украина. Осуда, ставови дека со тоа е грубо прекршено меѓународното право, барање да се почитува територијалниот интегритет на Украина, нејзиниот суверенитет како држава и правото да решава за сопствена иднина… беа содржани во пораките кои деновиве постојано се испраќаат од Македонија.

Меѓу првите се огласи Претседателот Стево Пендаровски:

-Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа, беше наведено во неодамнешното соопштение од претседателот.

Осуда искажа и премиерот Димитар Ковачевски кој додаде дека војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирања.

-Агресијата врз Украина е закана и за европскиот и за светскиот мир. Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина и ќе дејствува максимално одговорно, соопшти Ковачевски.

И за министерот за надворешни работи Бујар Османи немало дилеми дека одлуката на Кремљ е акт на агресија.

-Ова се акти кои најмногу ги осудуваме. Во овие тешки времиња ние сме со Украина, објави министерот Османи.

И лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски искажа полна поддршка на Украина.

– Јасно и во лице пред дваесет дена на состанок со амбасадорот на Руската федерација во Македонија: “територијалниот интегритет на Украина како и на секоја суверена земја е константа и мора да се почитува, а сите различни ставови во поглед на актуелните прашања да се решат по дипломатски пат”, објави тој на Фејсбук.

Ете, можело македонските политичари од власта и опозицијата да имаат заеднички и единствен, неподелен став. Заедно го бранат меѓународното право. Но, дали ситуацијата во која со децении се наоѓа Македонија не е доволна причина за нашите политички лидери да покажат единство исто така? Многу пати од многу страни е прекршено меѓународното право и кога Македонија е во прашање. Е зошто за тоа не успеваат да се единствени и решителни како деновиве околу случувањата во Украина?

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

ВМРО-ДПМНЕ бара намалување на акцизите за горивата за 50 проценти

Следна објава

Се одмрзнуваат цените, се ограничува маржата