Започнува првата фаза од пописот, што стана со барањата на опозицијата?

Припадниците на Армијата, вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, затворениците, бездомниците, но и оние државјани што живеат надвор од Македонија ќе бидат први граѓани кои од понеделник ќе се попишуваат во рамките на првата фаза од претстојниот попис на населението. Ова денеска на својот профил на социјална мрежа Фејсбук го објави министерот за правда Бојан Маричиќ откако утрово бил информиран од Државниот завод за статистика дека подготовките за пописот одат во најдобар ред.

-Тоа што е многу важно е дека Евростат и директно потврди дека Законот за попис и методологијата се во согласност со ЕУ законодавството, односно највисоките стандарди за спроведување ваква статистичка операција, напиша Маричиќ.

Првата фаза ќе трае од 1 до 15 март, а ќе ја спроведат 30-ина вработени во Државниот завод за статистика. Лицата што се на привремена работа или престој во странство, а имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, од први март до 21 април ќе се самопопишуваат преку апликација што наредниот понеделник ќе биде објавена на веб-страницата на Статистика, со претходна регистрација.

Најглавниот дел од пописот ќе се спроведе во од 1 – 21 април годинава.

Стартот на пописот, очигледно, значи дека власта не ги прифати барањата на опозицијата за одложување на процесот како и на вметнување на елетронски дел во пописот. ВМРО-ДПМНЕ бараше електронски попис, ставање на отпечатоци на прсти и други работи со цел да се добие објективно пребројување на населението. Откако овие барања не беа прифатени оваа партија започна со собирање на потписи на граѓани за поништување на Законот за попис.

-Да дадеме потписи против фалсификат попис. Да поддржиме европски и вистински попис. Да спречиме кражба, да ја тргнеме политиката од статистиката, повика неодамна лидерот Христијан Мицскоски.

Досега во рамките на оваа акција се собрани повеќе десетици илјади потписи на граѓани.

Меѓутоа, сето ова, очигледно, не е доволно и власта реши да го истера пописот според своите видувања.

Претходна вестДали британскиот сој е виновен за зголемениот број заразени?
Следна вестКовид-статистика: 13 починати за 24 часа, по подолго време над 700 нови заразени