Четиринаесет мигранти го загубија животот во Егејското Море откако пловило со мигранти се судрило со брод на грчката крајбрежна стража во близина на островот Хиос, соопштија грчките власти.
Според изјава на претставник на крајбрежната стража за агенцијата Ројтерс, службениците забележале брод кој превезувал мигранти кон островот Хиос и му наредиле да се врати назад. Како што било наведено, криумчарите започнале маневрирање кон бродот на крајбрежната стража, по што дошло до судир. Ројтерс посочува дека не можел независно да утврди како точно се случила несреќата.
Според првичните информации, двајца припадници на грчката крајбрежна стража, како и 25 спасени мигранти, биле пренесени во болницата на Хиос. Меѓу повредените има бремена жена и седум деца, јавија грчкиот јавен сервис ЕРТ и новинската агенција АНА.
Од крајбрежната стража информираат дека е во тек обемна операција за пребарување и спасување, во која учествуваат нивни пловила, приватни бродови и нуркачки екипи.
Грција со години е една од главните влезни точки во Европа за мигранти и бегалци од Блискиот Исток, Африка и Азија. Земјата беше меѓу најпогодените за време на мигрантската криза во 2015 и 2016 година, кога речиси еден милион луѓе пристигнаа на грчките острови од Турција, меѓу кои и Хиос.
Во последните години бројот на пристигнувања е намален, а грчките власти значително го заострија пристапот кон миграцијата. Од 2019 година наваму, владата ги интензивираше граничните контроли преку изградба на огради и засилени поморски патроли.
Грција е под зголемен меѓународен надзор поради односот кон мигрантите и бегалците, особено по трагичниот бродолом во 2023 година, кога стотици луѓе загинаа. Тогаш сведоци тврдеа дека крајбрежната стража се обидела да одвлече рибарски брод преполн со мигранти, што завршило со катастрофа.