Општина Аеродром деновиве ги подготвува фонтаните во сите паркови за нивно пролетно пуштање во употреба, известуваат од оваа институција.
Наскоро, како што дообјаснуваат, вода ќе потече во фонтаната „Тоше Проески“ во Ново Лисиче, како и во парковите „Јане Сандански“, Паркот на езерата, Паркот на светлината, паркот „Бановина“, паркот „Авион“, паркот „Бојмија“, како и од други фонтани низ целата територија.
Информираат дека службите интензивно работат на нивно чистење, отстранување на дефектите, а онаму каде што е потребно, како што соопштија, се поставуваат нови пумпи, како и мозаични плочки за нивно целосно уредување.
-Откако фонтаните целосно ќе се оспособат и временските услови ќе дозволат, тие ќе бидат пуштени во употреба, а Аеродром ќе го добие својот посебен и препознатлив сјај, велат од Општина Аеродром.