Темен режим Режим на светлина

Канонизација на Кирил Пејчиновиќ за светител во Лешочкиот манастир

Македонската православна црква-Охридска архиепископија викендов ќе изврши канонизација за светител на игуменот лешочки и народен просветител Кирил Пејчиновиќ како Свети Преподобен Кирил Лешочки. Канонизацијата ќе се изврши денеска и утре во Лешочкиот манастир и во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“.

Канонизацијата започнува денеска со Воскресна вечерна богослужба во Лешочкиот манастир од 17 часот која ќе ја чиноначалствува митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, информираат од епархијата. Утредента од 07.30 часот во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“ ќе има Восрекна Утрена богослужба, додека во 08.30 дочек на архиепископот и архијереите на МПЦ – ОА. Веднаш потоа ќе започне Светата божествена литругија и прогласувањето на Кирил Пејчиновиќ за светец Кирил Лешочки.

Кирил Пејчиновиќ е роден 1771 година во тетовско Теарце, а живеел до 1845 година, бил голем просветител, народен учител и игумен на Лешочкиот манастир. Го обновил Лешочкиот манастир каде и почива во црковниот двор.

Идејата за канонизацијата на Пејчиновиќ, кој е значаен македонски просветител и еден од првите писатели на народен македонски јазик, дошла од владиката Јосиф, Тетовско-гостиварскиот митрополит на МПЦ-ОА. Иницијативата произлегла „од живиот култ кој го има овој црковен деец на просторите на кои се протега Тетовско-гостиварската епархија и пошироко, а особено тоа е видливо во Лешочкиот манастир, каде што се наоѓа неговото гробно почивалиште.

Кирил Пејчиновиќ сите свои дела ги напишал на народен јазик и заедно со Јоаким Крчовски (кој беше канонизиран во мај годинава), ја претставуваат првата генерација писатели на современата македонска книжевност.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Десет возачи непрописно престигнувале, осум поминале на црвено...

Следна објава

Доволно зеленило во Скопје расте само во изборните ветувања, есенва ќе има ли нови садници?