Новиот булевар во општина Бутел ќе оди по предвидената траса и дворовите на граѓаните и покрај тоа што општина Бутел ќе ги избрише градежни маркички за седум згради со цел булеварската траса да биде преместена на тоа подрачје. Ова е епилог на вчерашното продолжение на конфликтот меѓу бутелскиот градоначалник Дарко Костовски и скопската градоначалничка Данела Арсовска околу изградбата на новата сообраќајница против која реагираа засегнатите граѓани. Костовски и Арсовска влегоа во војна околу изградбата на булеварот „Боца Иванова“. Костовски ги поддржа на жителите на улицата „Хо-Ши-Мин“ кои излегоа на протест поради изградбата на булеварот „Боца Иванова“, а притоа треба да отстапат дел од своите дворови со цел да се реализира трасата. Тие бараат од градоначалничката Арсовска да го изгради мега-паркот кој им го имаше ветено уште во нејзината предизборна кампања за „За модерно Скопје“.
Бутелскиот градоначалник вчера информира дека Советот на Општина Бутел едногласно изгласа и даде целосна поддршка за поништување на 11 градежни маркици за згради од ДУП ССИ 06.07 и ДУП С16.
-За ДУП С16 кој е на сила ќе се отпочне постапка за измена на планот со цел бришење на 7 маркици за згради. А за ДУП ССИ 06.07 кој е во постапка ќе биде ревидиран и ќе се избришат сите згради кој што се уцртани во предлог планот. Воедно сите политички партии кои се дел од Советот ја прифатија иницијативата на граѓаните за промена на трасата на бул. Боца Иванова. Едногласно Општина Бутел и кажа НЕ на Данела Арсовска. Општина Бутел треба да дише а не да се дави во бетон и да се гради на секој слободен простор, информира Костовски.
По одлуката на Општината од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска испратија соопштение во кое се вели дека го поздравуваат бришењето на маркичките за 26-метарските згради, но одлуката за изградба на булеварот Боце Иванова останува.
-Ова не ја менува суштината на проблемот во врска со булевар Боца Иванова. Трасата на овој булевар е утврдена со Генералниот урбанистички план кој е повисок акт од ДУП и истиот не може да се промени со иницијатива на Општина Бутел, велат од Град Скопје.
Град Скопје, според најавите на Арсовска, до крајот на март ќе почне со изградба на новиот булевар, од кружниот тек во Бутел до булеварот Христијан Тодоровски-Карпош. Градот има склучено и договор за негова изградба со фирмата „Филип инженеринг“ и ќе чини околу 650.000 евра.