Закажана па откажана е прес-конференцијата пред македонското Собрание на се уште актуелниот директор на државната Оперативно – техничка агенција Зоран Ангеловски чиј мандат истекува утре. Во денешното соопштение на ОТА се наведува дека прес-конференцијата се одложува поради итни и неодложни работи.
-Поради итни и неодложни работи најавената прес конференција на директорот на ОТА пред Собранието на Република Северна Македонија во 11:00 часот се одложува на неопределено време, се наведува во денешното соопштението на ОТА.
На Ангеловски утре му истекува петгодишниот мандат откако на оваа функција беше избран во 2018 година, без право на повотрен избор. Но, неговиот наследник се уште не е познат.
Собранието дури вчера попладне со 83 гласа „за“ и без „против“ и „воздржани“ ја изгласа предлог-одлуката за распишување оглас за избор на нов директор на Оперативно-техничката агенција. Но, тоа значи дека се отвора прашањето кој во тој вакуум период до изборот на новиот директор ќе раководи со ОТА?
Ангеловски во изјава за „360 степени“ пред два дена предупреди дека доколку ОТА остане без директор, тоа ќе создаде правен вакуум во раководењето со институцијата.
-Во Законот за Оперативно-техничка агенција не е уредено прашањето за раководењето на институцијата по истекот на времетраењето на мандатот на директорот од пет години, во случај кога на денот на истекот на мандатот сè уште не е завршена постапката за избор на нов директор. Важечкиот закон не предвидува можност во тој случај кога истата е без легитимно избран директор со важечки мандат од страна на Собранието на РСМ, со институцијата да раководи друго лице (в.д. директор, заменик-директор, совет и слично), а со тоа ниту да се даваат овластувања за спроведување на законските надлежности на ОТА кои произлегуваат од директорот како единствено надлежно раководно лице, изјави Ангеловски.
Огласот трае 10 дена од неговото денешно објавување во „Службен весник“ и во уште три дневни весници, а потоа почнува процедурата за избор на нов директор. Согласно Законот директорот на ОТА го избира и разрешува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во на предлог на собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
ОТА започна со работа на 1 ноември 2018 година. Нејзиното формирање има за цел да се оневозможи каква било злоупотреба на мерката следење на електронските комуникации на граѓаните од страна на овластените органи за следење на комуникациите или операторите.