Граѓаните го видоа првото летало на македонската авијација – едрилица „Илинденка”

Првото летало на македонската авијација – „Илинденка“ е изложено денеска на спортскиот аеродром Стенковец, каде се одржува свеченост со голем аеромитинг по повод 100 години македонска авијација. Едрилицата е произведена во фабриката „20 Мај“ во Скопје. Првиот лет со неа е изведен во 1955 година, а ќе остане запаметена по своето учество на светското едриличарско првенство во Полска, во 1958 година, како дел од тогашната репрезентација на СФР Југославија.

Главен иницијатор за проектирањето и изградбата на оваа едрилица, како и основач на претпоријатието за производство на воздухоплови „20. Мај“ (подоцна претструктуирано и преименувано во „Алумина“) во Скопје е доајенот и основоположник на македонското цивилно воздухопловство Љубомир Тевчев. Тоа се наоѓало во близина на денешното средно училиште „Јосип Броз – Тито“ во Скопје. Покрај „Илинденката“, во оваа фабрика за воздухоплови се произведувале и едрилиците од типот „Чавка“ и „Врабац А“. Тевчев побарал помош од тогаш познатиот конструктор на едрилици Милош Илиќ, да конструира едрилица според насоките кои тој ќе му ги даде. Илиќ ги употребил сите свои знаења и умеења, но и искуства од градбата на претходните едрилици. Потоа, вработените, кои сите биле и воздухопловни ентузијасти, до почетокот на мај 1955 го завршиле прототипот на „Илинденката“, првата македонска едрилица. Вкупно биле изработени 6 едрилици од типот „Илинденка“. Последните две сочувани „Илинденки“ денес се наоѓаат во Музејот на воздухопловството во Белград на аеродромот „Никола Тесла“. Тоа се примероци од Илинденка 1Т со регистарски ЅУ 4108 и ЅУ 4109.

-Оттогаш до денес овој воздухоплов беше во Воено техничкиот музеј во Белград, и благодарение на одличните односи коишто ги имаме и со претседателот на Србија, со министерот за надворешни работи Србија и благодарение на нивна помош на директорот на ВТМ во Белград, овој воздухплов денес е во Скопје каде што му е и местото, рече на свеченоста премиерот Димитар Ковачевски, забалагодарувајќи се на српските власти за тоа што е овозможено да се претстави првото летало на македонската авијација.

„Илинденка“, како што посочи Ковачевски, отворила пат за создавање серија вакви едрилици кои биле испратени ширум поранешни Југославија каде добивале само пофалби со оценки и кои ги вбројувале меѓу најдобрите во светот. Убаво е кога историјата ни е добро сочувана за да им раскажуваме на помладите генерации кои се денес тука меѓу нас.

Ковачевски истакна дека денес на годишнината од 100 години македонска авијација со гордост можеме да кажеме дека ние сме НАТО, а нашата следна дестинација е ЕУ.

Посочувајќи дека во 1923 година е формиран првиот аероклуб во нашата држава, Аероклубот Скопје истакна дека нашата авијација помина низ многу предизвици поминувајќи преку разни општествени прилики општествени уредувања, војни кризи и непогоди.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ рече дека во подготовките за одбележување на јубилејот учествуваше и Министерството за одбрана на Србија кое на организаторите на аеромитингот им ја отстапи едрилицата „Илинденка“, прво летало произведено на македонска територија во 1955 година според проект на познатиот српски инженер Милош Илиќ.

– „Илинденка“ на симболичен начин сведочи за блиската поврзаност на нашите две земји и во областа на воздухопловството, рече Дачиќ.

Тој му посака „мирно небо“ на регионот.

– Србија и српскиот народ му посакуваат многу среќа и успеси во се што сакаат на македонскиот народ и на сите други граѓани на Република Северна Македонија и да даде Бог на овие простори да не летаат воени авиони со воени задачи, туку се да биде во рамките на аеромитинзи за луѓето да можат да уживаат во мирот и просперитетот. Ви сакам се надобро и забрзан пат во ЕУ, порача Дачиќ.

Програмата опфаќа учество на над 30 различни воздухоплови од земјава и странство како и падобранци од нашата земја и од пријатели на клубот од целиот регион.

Претходна вестМНР: Руските дипломати преземале активности спротивни на Виенската конвенција
Следна вестМНР ги повикува Македонците во Албанија слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност на претстојниот попис