Скопје ќе биде Европска престолнина на културата во 2028 година. Оваа одлука беше соопштена денес во Куќата на европската историја во Брисел каде присуствуваа градоначалничката Данела Арсовска и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска. Скопје за оваа титула беше во потесен избор со црногорскиот град Будва при што двата града беа во финале меѓу градовите на Европската асоцијација за слободна трговија и Европската економска област.
На апликацијата за програмата „Култура над поделба“ со која вчера се претстави Град Скопје, како што информираат оттаму, работеше тим експерти.
-Тимот посветено работеше на културна промоција, претставувајќи ја програмата во различни области, иновативните идеи и концепти со кои Скопје ќе се најде на мапата како Европска престолнина на културата за 2028. Програмата почнува да се имплементира уште во јануари 2024 година и во текот на следните години обединети националните и европските уметници ќе учествуваат на стотици културни настани кои ќе кулминираат во 2028, истакна градоначалничката Арсовска, по соопштувањето на одлуката.
Таа додаде дека во тоа ќе се вклучат младите и креативните индустрии, поврзани со еко-практики како иновација во сите процеси и културни настани кои ќе се одвиваат, како што рече, 365 дена во Скопје.
Во процесот на кандидатура Град Скопје имаше поддршка од Министерката за култура Бисера Костадиновска, Владата, Претседателот Пендаровски и други државни институции, како и од голем број европски градови и нивните културни институции.
Титулата „Европска престолнина на културата“ значи можност за претставување на културниот живот и развој и да ја подигне видливоста на меѓународно ниво на избраниот град. Исто така, целта на оваа иницијатива на Европската унија е да им овозможи на жителите на Европа да учествуваат активно заедно да разменат искуства за културата, да се создадат нови партнерства и да се нагласи улогата која ја има културата во развојот на градовите.