Хидроцентралата „Чебрен“ ќе биде дадена под концесија од која државата ќе зема 33 проценти од дивидендата, а по 60 години изграденото останува на државата, објасни денеска министерката за животна средина. Одговарајќи на новинарско прашање врзано за изградбата на овој капацитет таа рече дека хидроцентралата Чебрен ќе биде еден од најголемите капацитети во државата за производство на електрична енергија.
-Значи, станува збор за концесија, не станува збор за заем. Ја прифатиме понудата на 14-от тендер којшто е распишан за Чебрен. Имаше две компании, едната ги исполнуваше сите услови, од 100 имаше 97 поени, тоа е грчката компанија. Втората не ги исполни сите услови и не отиде на натамошна евалуација. Што значи Чебрен? Значи дека грчката компанија инвеститорот ќе инвестира во системот. Нема да инвестира во свежи пари за државата. Државата по изградба на хидросистемот Чебрен, ќе го даде како за своите проценти коишто ги има во уделот којшто ќе го има државата ќе биде преку хидроелектраната „Тиквеш која што е постојна во државата и којшто ќе се поврзе на хидроелектраната „Чебрен“, појасни Шукова.
ХЕЦ „Тиквеш“, додаде таа, го даваме да се поврзе на системот на ХЕЦ „Чебрен“, и да оперира како еден систем.
-А грчката компанија понудувачот, треба прво да обезбеди дозвола за води, согласно Законот за води, а потоа ќе се потпише договорот за концесија. И самата ќе инвестира средства во влогови од сто проценти, 67 проценти отпаѓаат на инвеститорот, 33 проценти ќе бидат на државата. И утре кога ќе се исплаќа дивиденда, да речеме, државата ќе земе 33 отсто од дивидентата, 67 се на инвеститорот. По 60 години, по завршување на концесијата, се она што ќе биде изградено останува на државата, рече Шукова.
Министерката рече дека е многу добро што преку овој систем ќе се врземе со енергетскиот систем преку Грција, а таа понатаму со сите фактори на електрична енергија што можат да го опслужуваат регионот.



