Уставните судии денеска едногласно одлучиле да ја отфрлат иницијативата за оценка на уставноста на Преспанскиот договор. На прес-конференцијата, претседателката на Судот Добрила Кацарска изјави дека е оценето дека Законот за ратификација на Договорот е во согласност со Уставот и останува дел од правниот поредок на државата
-Уставниот суд денес едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на конечната спогодба за решавање на разликите во резулуциите 817 1993 и 848 1993 на Советот на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување Стратешко партнерство меѓу странките. Судот одлучи да ја отфрли за оценување на уставноста на указот со кој е прогласен овој закон и да ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на претходните два акти и нивната усогласеност со член три од Законот за склучување и ратификација на меѓународни договори и виенаската конвенција за договорно право, изјави Кацарска.
Со инцијативата за преиспиување на уставноста на овие закони се тврди дека Указот за прогласување на Законот за ратификација на конечната спогодба не е потпишан од претседателот на Република Македонија, што го прави тој акт спротивен со членот 51 од Уставот.
-Указот не содржи правни норми и тој е дел од процедурата и кога Уставниот суд укинува или поништува закон Указот не се укинува посебно, изјави Кацарска.
Таа објасни дека во расправата за оваа инцијатива поголем дел од дискусијата се водеше за непотпишување на Указот од страна на претседателот на Републиката Ѓорге Иванов и покрај неговата должност.
-Можеби некој ќе рече дека во Уставот не е предвиден рок во кој тој требал да го потпише Указот, на повторно доставениот закон, но, сметам дека тука нема ништо проблематично. Имено, неспорно е дека претседателот треба да го потпише Указот во рок од седум дена кога првпат му се доставува законот чиј што рок е предвиден во членот 38 од Законот за Собрание на РСМ, а потоа тој е должен да го потпише. Меѓутоа, тој ја злоупотребил уставната недореченост каде што навистина не е пропишан рок за повторно доставување на законот, односно потпишување на повторно доставен закон, рече Кацарска.
Предметот беше формиран од иницијативите поднесени од Тодор Петров, претседател на Светски Македонски Конгрес, Ивица Ефремов и Стив Ангеловски од Битола, Солза Грчева и Томе Тодоровски.Подносителите на иницијативата сметаат дека Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба не е потпишан од претседателот на Република Македонија, што го прави тој акт спротивен со членот 51 од Уставот.
Преспанскиот договор во јуни 2018 година, во грчкиот дел на Преспа го потпишаа владите на Македонија и Грција, според кој Република Македонија го менува своето име во Република Северна Македонија.



