А да седнат Николоски и Маричиќ на една маса?

Вечната тема – Македонија и ЕУ – пак ги судри власта и опозицијата. Имено, различни изјави околу тоа дали меѓу земјите – членки на ЕУ постојат некои коишто сметаат дека Македонија не го заслужува почетокот на преговорите за членство вчера искажаа Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ и Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања.

Опозиционерот Николоски изјави дека 5 големи земји членки на ЕУ сметаат дека земјава не заслужува ниту почеток за преговори за членство со Унијата. Причина е, како што рече, високиот степен на криминал и корупција.

– Доколку Македонија беше според перцепција за корупција во првите 30 во светот, а не во првите 100 како што е во моментот, верувајте многу поразлично ќе изгледаше проблемот со нашиот сосед Бугарија. Затоа што во моментот најмалку пет земји членки на ЕУ, не мислам на Германија, но мислам на останатите, мислат дека Македонија не заслужува ниту почеток за преговори за членство со ЕУ, пред се заради високо ниво на криминал и корупција, и затоа не се врши притисок врз Бугарија. Нема притисок, затоа што мислат дека државата не е спремна, рече Николоски.

На ова реагираше Маричиќ кој вели дека таквото тврдење не е точно.

-Тоа се неодговорни и неточни изјави од страна на опозицијата дека има пет други држави од ЕУ кои имале забелешки за Македонија и кои би нѐ спречиле да продолжиме со преговорите. Тоа не е точно тоа нема никаква врска со реалноста, изјави Маричиќ, додавајќи дека имаат секојдневни коимуникации со сите држави членки и никој тоа не го најавил ниту постои такво нешто.

Тој, воедно потенцира дека доколку не се донесат уставните измени ќе се пропушти шансата во следното проширување во 2030 година, да станеме членка на ЕУ.

Сигурно околу уставните измени опозиционерот би имал друг став и објаснувања кои би му го кажал на вицепремиерот.

Ама зошто тоа го прават преку различни медиуми? А да седнат заедно и пред камерите да разменат аргументи и тоа јавноста да го види  – не ли е поарно?

Потоа може полесно власта ќе прифати седнување со опозицијата на една маса и по многу други прашања кои и тежат на Македонија.

Претходна вестБлупринт групата се повлекува од изработката на новиот Кривичен законик: Правото и правниот систем се извртуваат и злоупотребуваат
Следна вестУапсен 52-годишен маж, ја силувал својата невенчана сопруга